Еден од суданските генерали, кој ги предводи паравоените сили кои се борат против државната армија, за Би-Би-Си изјави дека нема да преговара додека не завршат борбите.
Но, генералот Мохамед Хамдан Дагало, попознат како Хемедти, рече дека неговите борци биле бомбардирани „немилосрдно“ откако беше продолжено тридневното примирје.
„Не сакаме да го уништиме Судан“, рече тој, обвинувајќи го за насилството началникот на армијата, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан.
Генералот Бурхан привремено се согласи на разговори лице в лице во Јужен Судан.
Продолжувањето на примирјето во четвртокот вечерта, на 27 април, следеше по интензивните дипломатски напори на соседните земји, како и на САД, Велика Британија и ОН.
Видете и ова: Нови воздушни напади во СуданВо телефонски разговор за Би-Би-Си, Хемедти рече дека е отворен за разговори, но условот е примирјето да се одржи.
Тој рече дека нема лични проблеми со генералот Бурхан, но го смета за предавник бидејќи во владата довел луѓе лојални на поранешниот претседател Омар ал-Башир, кој беше соборен заедно од Армијата и РСФ во 2019 година по масовните улични протести.
Режимот на Башир кој беше на власт три децении - беше познат по својата исламистичка идеологија и наметнувањето на строга верзија на шеријатот (исламскиот закон).
„За жал, Бурхан го водат лидерите на радикалниот исламски фронт“, рече Хемедти.
Во 2021 година, тој и генералот Бурхан го поништија договорот за поделба на власта со цивилите, преземајќи ја целосната контрола со државен удар. Тие се судрија оваа година околу предложеното враќање на цивилното владеење, особено околу временската рамка за воведување на 100.000 припадници на силите за брза поддршка (РСФ) на Хемедти во Армијата.
„Со нетрпение очекувам да имаме цивилна влада денес, не утре, целосно цивилна влада. Тоа е мојот принцип“, изјави Хемедти за Би-Би-Си.
Ова не е првпат лидерот на РСФ да зборува за својата посветеност на демократијата, иако аналитичарите истакнуваат дека неговите сили брутално ги задушувале граѓанските протести во минатото.
Хемедти изјави за Би-Би-Си дека неговите борци од РСФ не се непријатели на војската, објаснувајќи дека тие се борат да ја заштитат земјата од „остатоците на владата во изминатите 30 години“.