Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се дозволува депортација на жителите на анектираните украински територии кои одбиваат да земат руско државјанство.
Уредбата беше објавена на 27 април на официјалниот портал за информации за законите. Се наведува дека Украинците кои живеат во припоените области мора или да станат руски државјани или официјално да одбијат да го сторат тоа, јавува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Според декретот, граѓаните кои „изразуваат желба да го задржат постојното државјанство или да бидат без државјанство“, а не стекнале руско државјанство ќе се сметаат за странци од 1 јули 2024 година.
Жителите на анектираните територии кои добиваат статус на странец или без државјанство и ја загрозуваат „националната безбедност“ на Русија може да бидат депортирани од Русија.
„Оние кои претставуваат закана за националната безбедност, се залагаат за насилни промени во основите на уставното право, финансираат тероризам и екстремистички активности или учествуваат во незаконски активности“, се наведува во декретот.
Дополнително, како странци ќе се сметаат и луѓето кои живеат на окупираните територии на Украина на денот кога биле анектирани и граѓаните кои претходно живееле на тие територии и се преселиле во Русија, но изразиле желба да го задржат украинското државјанство, се наведува во декретот.
На 30 септември Путин потпиша документ со кој се официјализира обидот на Русија за анексија на украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, чии делови беа окупирани од руските сили.
Пред потписот на Путин на овој документ, Москва одржа референдуми во четири региони за време на војната, чии резултати беа отфрлени од меѓународната заедница.
Четирите региони заедно со полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, сочинуваат околу 20 отсто од територијата на Украина и тие содржат некои од најиндустриските делови на земјата.