Амбасадорката на САД во ОН ги повика Косово и Србија итно да го спроведат договорот

Линда Томас-Гринфилд амбасадорка на САД во Обединетите нации.

Американската амбасадорка во Обедибетита нации Линда Томас Гринфилд, на одвоени средби со шефовите на дипломатиите на Косово и Србија, ги повика двете земји веднаш да го спроведат постигнатиот договор за нормализација.

Во Њујорк на 26 април, ден пред седницата на Советот за безбедност за Косово, Гринфилд разговараше со министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Претходно, на 25 април таа се сретна со вицепремиерот на Косово и министер за надворешни работи, Доника Гервала-Шварц.

Соединетите Држави ќе продолжат да бидат активно ангажирани во поддршката на Косово и Србија додека тие ги исполнуваат своите обврски за постигнување предвидливи и мирни односи, му рече Томас-Гринфилд на српскиот министер.

Видете и ова: Нов извештај за Косово пред Советот за безбедност на ОН

Таа нагласи „колку е важно двете страни итно да ги спроведат обврските од историскиот, правно обврзувачки договор за нормализација“ што го постигнаа, се вели во изјавата на портпаролот на мисијата на САД во ОН, Нејт Еванс.

Се додава дека американскиот амбасадор и шефот на српската дипломатија разговарале и за важноста на долгорочното партнерство меѓу САД и Србија.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Србија, Дачиќ во разговорот со американската амбасадорка истакнал дека Србија ќе задржи конструктивен став во однос на европскиот предлог и спроведувањето на акцискиот план за натамошно нормализирање на односите со Приштина.

Тој истакна и дека за Србија работата на УНМИК во полн капацитет е од големо значење, имајќи ја предвид чувствителната ситуација во Косово.

Видете и ова: Има дестабилизирачки тенденции на европскиот пат на Западен Балкан

Шефот на српската дипломатија рече и дека се надева оти посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Србија ќе се реализира во наредниот период.

Србија и Косово на 2 мај треба да ги продолжат преговорите за нормализација на односите што ги водат со посредство на Европската унија (ЕУ) во Брисел. Преговорите ќе продолжат во светло на засилените дипломатски активности на западните партнери, пред се на ЕУ и на САД.

Тие напори резултираа со постигнување на Охридскиот договор - со кој косовскиот премиер Аљбин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ се договорија за имплементација на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово.