Нов извештај за Косово пред Советот за безбедност на ОН

Советот за безбедност на Обединетите нации

Советот за безбедност на Обединетите нации вечерва ќе расправа за новиот шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК).

На седницата во Њујорк, со која ќе претседава Русија, од 21 часот по средноевропско време, Србија и Косово ќе ги претставуваат министрите за надворешни работи Ивица Дачиќ и Доника Гервала Шварц.

Во извештајот за периодот од 16 септември 2022 до 18 март 2023 година, Гутереш го поздрави Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија и неговиот анекс за спроведување, за кој лидерите на двете страни неодамна постигнаа договор, пренесува Бета.

Видете и ова: Косово без виза во Шенген: Ќе вадат ли Србите косовски пасош?

Гутереш, во извештајот што на седницата ќе го презентира шефицата на УНМИК, Каролин Зијаде, оцени дека новата рамка за дијалог има потенцијал да го подобри процесот кон постигнување долгорочни решенија.

Тој изјави дека ќе биде неопходен конструктивен ангажман во сеопфатното спроведување на Договорот за да се зачува стабилноста и да се спречи обновување на тензиите и конфликтите.

„Страните целосно се обврзаа да ги почитуваат сите членови од Договорот и да ги исполнат сите обврски на целисходен начин и со добра волја. Ова е толку важно, бидејќи случувањеата во периодот на набљудување донесоа тензии до ниво на криза, резултирајќи со најсериозното назадување од почетокот на процесот на дијалог во 2011 година“, напиша Гутереш.

Тој додаде дека „засилената и запалива реторика од сите страни, поставувањето блокади на патиштата, повеќекратните безбедносни инциденти и протестите на северот на Косово го зголемија ризикот од насилство“.

„Инцидентите од етничка природа, употребата на огнено оружје и повредите, меѓу цивилите и припадниците на косовската полиција, како и очигледното таргетирање на новинарите и меѓународните безбедносни актери, беа од особена загриженост. Сите страни треба да покажат воздржаност и да обезбедат дека сите спорови ќе бидат решавани по мирен пат, преку дијалог, а не со ескалација“, напиша Гутереш.

Видете и ова: Има дестабилизирачки тенденции на европскиот пат на Западен Балкан

Во извештајот, кој не ги вклучува минатонеделните локални избори во четири општини на северот на Косово, Гутереш наведе дека понатамошниот напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина е „клучен за создавање услови за враќање на претставниците на косовските Срби во косовските институции во северот на Косово“.

Од усвојувањето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН на 10 јуни 1999 година, тоа тело расправаше за Косово четири пати годишно до 2018 година. Во 2019 година имаше три седници на Советот за безбедност на ОН за Косово, а од 2020 година две седници годишно.