ЕУФОР внимателно ја следи безбедносната и политичката ситуација во Босна и Херцеговина (БиХ) и не забележа ниту процени каква било промена во безбедносната ситуација, изјави за Радио Слободна Европа, Емер Кели, портпарол на воените сили на Европската унија (ЕУ) во Босна и Херцеговина.
Милорад Додик, претседател на Република Српска и владејачката Алијанса на независни социјалдемократи, пред неколку дена ја повтори желбата Република Српска да се отцепи од БиХ и да се обедини со Србија.
Додик повторно негираше дека српските сили извршиле геноцид врз Бошњаците во Сребреница за време на војната во јули 1995 година. Тој најави и дека полицијата на Република Српска ќе оди на „границите“ кон другиот ентитет, Федерацијата Босна и Херцеговина.
Видете и ова: Додик размислува за отцепување на РСОд ЕУФОР соопштија дека не коментираат политички прашања, но дека во согласност со нивниот мандат, внимателно ги следат сите активности кои можат да влијаат на безбедносната состојба.
„ЕУФОР демонстрира засилено присуство низ целата земја и ќе спроведе рутински патроли низ БиХ за да ги увериме сите заедници дека сме присутни“, нагласи Кели.
Тој додаде дека, во согласност со мандатот на мисијата ЕУФОР Алтеа, тие продолжуваат проактивно да ги поддржуваат партнерите во институциите на БиХ за одржување на безбедна средина во оваа земја, како и да ја продолжат соработката и контактите со локалните власти преку мрежа за врски и набљудување тимови.
Мисијата ЕУФОР Алтеа во БиХ беше формирана во 2004 година како наследник на претходните Сили за стабилизација (СФОР), Сили за имплементација (ИФОР) и Заштитни сили (УНПРОФОР). Секоја есен, Советот за безбедност на Обединетите нации го продолжува мандатот на ЕУФОР за една година, а вклучува и употреба на воена сила. Повеќе од десет години, фокусот на оваа мисија е обуката на вооружените сили на Босна и Херцеговина.