Штрајкот на Државниот испитен центар може да го загрози полагањето државна матура

Матурантите полагаат државна матура по мајчин јазик, илустрација

Ако за една недела не се реши барањето за покачување на платите во Државниот испитен центар ќе се доведе во прашање државната матура која треба да ја полагаат средношколците на 27 мај, најавија денеска вработените во Државниот испитен центар кои втор ден штрајкуваат.

Тие посочија дека сите процеси кои се во надлежност на Државниот испитен центар, државна матура, државно тестирање, обука и испит за директори, приправнички испити, меѓународно тестирање ТИМС ќе бидат ставени во мирување додека не се исполнат нивните барања.

Тие бараат покачување на платите и согласност за измена на колективниот договор, а барањето го испратиле до Министерството за финансии.

Синдикатот на ДИЦ соопшти дека од властите бараат линеарно покачување на платите за да не дојде до револт и да има последици. Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација на ДИЦ, рече дека речиси половина од 29-те вработени во ДИЦ, т.е. 11, примаат минимална плата од 20 100 денари. Таа апелираше побрзо да се реши нивното барање за да не заглават, како што рече, процесите кои се во нивна надлежност.

„Нашите плати беа заборавени со покачувањето на минималната плата на два пати веќе. Се покачија само платите на оние што беа со најниска позиција, односно минималците и веќе дојдовме во ситуација кога имаме изедначување на платите на повеќе од 11 лица од 29 вработени во ДИЦ. Од службата за обезбедување до службата до некој што е под советник се речиси изедначени платите на минималец“, вели Бошковска.

Видете и ова: Матурира генерацијата која почна со Ковид, а завршува со „бомби“

На прашање колкаво покачување бараат, одговори дека износот не е фиксен, но не смее да биде помалку од 30 проценти. Штрајкот ќе продолжи и сите процеси коишто се во надлежност на ДИЦ, рече таа, ќе бидат стопирани, а доколку трае повеќе од една недела ќе биде доведено во прашање и полагањето државна матура која почнува на 27 мај.

Синдикалната организација на ДИЦ е формирана од почетокот на оваа година и членува во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Поддршка на нивниот штрајк добија и од Гоце Селовски, претседател на Синдикатот на финансиските дејности на Македонија и член на Претседателството на ССМ.