Утре одлука за обединување на МПЦ-ОА и ПОА

Соборна црква Свети Климент Охридски во Скопје.

Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), утре во полн состав, треба да донесе одлука за обединување на МПЦ-ОА и Православната охридска архиепископија (ПОА), со што треба да се финализира договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА, објави порталот религија.мк.

Во Синодот во полн состав, според Уставот на МПЦ-ОА, членуваат сите епархиски архиереи и викарните архиереи избрани во МПЦ-ОА.

Во текстот се наведува дека бил постигнат начелен договор со СПЦ околу тоа како да бидат интегрирани владиците на ПОА во МПЦ-ОА и кои епархии ќе им бидат дадени.

Со обединувањето и формално згаснува ПОА, а сите четворица владици на ПОА ќе добијат епархии, кои ќе бидат создадени со прераспределба на постоечките што ги има МПЦ-ОА.

Видете и ова: МПЦ не коментира ниту се оградува од ставот на владиката Петар против родова еднаквост

По повеќе од половина век минатата година МПЦ се врати во канонско единство со останатиот православен свет и доби томос за автокефалност од Српската православна црква. Со тоа заврши црковниот раскол почнат уште во 1967 година, кога МПЦ еднострано прогласува автокефалност од Српската православна црква.