Србија евакуира 11 државјани од Судан

Судан

Во тек е евакуација на граѓаните на Србија од Судан, соопшти на 23 април Министерството за надворешни работи на земјата. Како што е наведено, министерството во соработка со меѓународните партнери продолжува со напорите за изнаоѓање решение за евакуација на преостанатите граѓани на Србија во Судан кои изразиле желба да бидат евакуирани.

„Од Картум во три групи се евакуираат 11 српски државјани. Шестмина се во евакуација заедно со државјани на Обединетите Арапски Емирати, втората група од четворица отишла со претставници на Обединетите нации, додека во третата група со турски државјани е и еден државјанин на Србија“, потврдија од министерството.

Видете и ова: Американските дипломати евакуирани од Судан

Оттаму додаваат и дека преостанатите државјани на Србија во Судан, од кои вкупно се околу стотина, решиле да останат.
Борбите меѓу армијата и паравојската во Судан влегуваат во втората недела.

Дипломатскиот персонал на Соединетите Американски Држави беше евакуиран денеска, а истото почна да го прави и Франција, со најава дека ќе ги евакуира и европските граѓани на сојузничките партнерски земји.

Насилството во Судан изби на 15 април меѓу силите лојални на армискиот началник Абдел Фатах ал-Бурхан и неговиот ривал и заменик, Мохамед Хамдан Дагло, кој командува со моќните паравоени сили за брза поддршка (РСФ).