Мистериозниот блесок кој го осветли небото над украинскиот главен град Киев предизвика многу шпекулации, пишува Би-би-си. Во средата навечер на небото над Киев е забележан објект, соопшти регионалната воена администрација.
Тие на Телеграм наведоа дека украинските сили за воздушна одбрана се подготвени да го урнат објектот и ги повикаа жителите да останат во засолништа.
Украинскиот пратеник Олексеј Гончаренко на Твитер потврди дека е забележан „силен блесок на светлина“ над областа, но „не се слушнала експлозија“.
Официјални лица во Киев изјавија дека се сомневаат дека сателит на НАСА паднал на Земјата, но американската вселенска агенција изјави за Би-Би-Си дека нивниот сателит се уште е во орбитата.
Украинските воздухопловни сили сугерираат дека блесокот би можел да биде метеорит. Како и да е, воздухопловните сили изгледаат уверени дека блесокот не бил резултат на руски напад.
Активирана е тревога за воздушен напад, но „воздушната одбрана не беше активна“, изјави на Телеграм Серхиј Попко, шеф на воената администрација во Киев.
Американската вселенска агенција претходно оваа недела објави дека сателитот тежок 300 килограми повторно ќе влезе во атмосферата во среда.