Норвешка протерува 15 руски дипломати, за кои вели дека биле разузнавачи

Руската амбасада во Осло, фотографирана во февруари 2018 година

Норвешка протерува 15 вработени во руската амбасада во Осло, обвинувајќи ги дека се „разузнавачи кои дејствуваат под закрила на дипломатски позиции“.

Норвешкото Министерство за надворешни работи соопшти дека руските функционери мора што поскоро да ја напуштат земјата.

Британските медиуми наведуваат дека ваквата одлука претставува одговор на норвешката Влада на промената на безбедносната ситуација во Европа, што доведе до „зголемување на руските разузнавачки закани“.

Видете и ова: Руски дипломати протерани од ЕУ поради шпионажа сега работат во Белград

„Ова е важен чекор во спротивставувањето и намалувањето на нивото на руските разузнавачки активности во Норвешка, а со тоа и во заштитата на нашите национални интереси“, се вели во соопштението на шефот на норвешката дипломатија, Аникен Хајтфелд.

Норвешка е членка на НАТО и дели граница со Русија на Арктикот.

По почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари минатата година, многу западни земји протераа руски дипломати. Дел од нив тврдеа дека се работи за разузнавачи кои работеле под дипломатско покритие.

Видете и ова: Зошто Бугарија протера 70 руски дипломати?