Хил – И јас се прашувам зошто не е формирана Заедницата на општини со српско мнозинство

Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил

Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил денеска изјави дека формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) на Косово мора да биде клучен елемент во спроведувањето на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

„Сите посредници во преговорите велат колку побрзо - толку подобро“, изјави Хил по предавањето на донацијата на противпожарна опрема на Здружението на пожарникари на Србија, нагласувајќи дека е крајно време Заедницата на српските општини да стане реалност.

„Разбирам зошто го поставивте тоа прашање, зашто и јас го поставувам истото прашање. Оваа недела е десет години од Бриселскиот договор и крајно време е да се формира Заедницата. Она во што можам да ве уверам е дека нема да се откажеме додека не се оствари“, рече Хил пред новинарите.

Видете и ова: Договорот меѓу Косово и Србија отвора нова ера на мир во регионот

Според него, српскиот народ мора да има доверба во ваквите договори, зашто кога тие еднаш ќе бидат потпишани, мора да бидат сигурни дека ќе бидат и спроведени.

Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово е договорена во 2013 година, додека две години подоцна беа усогласени принципите според кои требаше да биде формирана.

Со договорот беше дефинирана структурата на Заедницата, финансирањето и надлежностите во многу области, како што се здравството, образованието, како и економскиот развој.

Уставниот суд на Косово во 2015 година утврди дека некои принципи не се во согласност со Законите, но може да бидат усогласени.

Видете и ова: Вучиќ по средбата со Србите од Косово најави заедничка платформа

Сепак, официјална Приштина досега упорно одбиваше да ја формира Заедницата со образложение дека е штетна и дека може да ја наруши функционалноста на Косово.

По притисокот од меѓународната заедница, Косово прифати на српската заедница да ѝ пружи „одредено ниво на самоменаџирање“, односно да се почне со формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство.