Двајца загинати кога свлечиште затрупа камиони во Пакистан

Големо свлечиште затрупа 20-тина камиони на автопат во северозападен Пакистан

Во одрон на земјиште кое рано утринава затрупа 20-тина камиони на автопат во северозападен Пакистан загинаа две лица, а осуммина се повредени, соопштија полицијата и службите за спасување.

Полицијата соопшти дека пожарникарите и спасувачите се обидуваат да ги спасат возачите на камионите и останатите погодени од големото свлечиште кај градот Торкам во близина на границата со Авганистан.

Свлечиштето е предизвикано од поројните дождови и громовите од кои се запали еден камион, соопштија спасувачите.

Видете и ова: Десетици загинати во свлечиште во Малезија

Сè уште нема информации за бројот на исчезнатите под купиштата земја, кал и камења.

Повредените се однесени во болница, а во потрагата по преживеани се вклучија и доброволци.

„Спасувачите се многу внимателни зашто постои можност за уште едно свлечиште, но ги ризикуваат своите животи за да ги извлечат оние за кои стравуваат“, соопштија спасувачките служби.

Властите испратија тешка механизација во Торкам за отстранување на големите количини земја од автопатот.

Торкам е граничен премин меѓу Пакистан и Авганистан каде што свлечиштата често ги блокираат автопатите, особено во планинските области.

Минатото лето во поплавите предизвикани од монсунските дождови во Пакистан настрадаа 1739 лица.