Германија во вчеравечер ги затвори последните три нуклеарни централи.
Потегот беше поздравен од еколошките здруженија и критикуван од конзервативните и деловните политичари.
Активисти за заштита на животната средина се собраа кај Бранденбуршката порта во главниот град Берлин, за да го прослават затворањето на реакторот на полноќ, додека таму беа и нуклеарните бранители.
Последните три нуклеарни реактори во Германија беа Исар 2 во Баварија, Емсланд во Долна Саксонија и Некарвестхајм 2 во Баден-Виртемберг.
Некарвестхајм 2 беше последната електрана којашто беше затворена во саботата во 23:59 часот.
Со овој потег Германија го завршува 60-годишното производство на нуклеарна енергија во земјата и придружната политичка дебата за ова прашање.
Видете и ова: Германија ги исклучува последните нуклеаркиДве од трите електрани требаше да бидат затворени на крајот на минатата година, но руската инвазија на Украина и енергетската криза ја принудија владата да ги остави во функција во текот на зимата.
Германската сојузна покраина Баварија сака да продолжи да ги користи нуклеарните централи и да преземе одговорност за нив, изјави баварскиот премиер Маркус Содер, што може да доведе до враќање на нуклеарната енергија.
Баварија, која е дом на многу успешни германски извозници, сака федералната влада да го измени законот за постепено укинување на нуклеарната енергија за да дозволи работа на нуклеарни централи под одговорност на одделни сојузни држави, рече Содер.
„Сè додека кризата не заврши и не успее транзицијата кон обновливи извори на енергија, ние мораме да ја користиме секоја форма на енергија до крајот на деценијата. Баварија е подготвена да ја преземе таа одговорност“, изјави провинцискиот премиер за весникот Билд ам Сонтаг.
Тој додаде дека Баварија исто така сака да го отвори патот во истражувањето за нуклеарна фузија и да изгради сопствен истражувачки реактор.
Еколошката организација Гринпис го нарече крајот на употребата на нуклеарната енергија во Германија „добар ден“ за заштита на климата и „голем успех на 40-годишното антинуклеарно движење“.
Германската министерка за животна средина Штефи Лемке од Партијата на зелените изјави за ДПА дека прекинот на употребата на нуклеарната енергија ќе ја направи Германија побезбедна.
„Ризиците од нуклеарната енергија се надвор од контрола во случај на несреќа“, рече таа.
Конзервативните опозициски политичари се разочарани.
Шефот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц го нарече затворањето „црн ден за Германија“, став што го дели сестринската партија на ЦДУ во Баварија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).