Германија ги исклучува последните нуклеарки

Германија денеска ќе ги исклучи последните три нуклеарни реактори, додека се обидува да се откаже од фосилните горива и да се справи со енергетската криза предизвикана од војната во Украина.

Додека многу западни држави ги зголемуваат инвестициите во атомска енергија за да го намалат загадувањето, Германија става крај на својата нуклеарна ера.

Најголемата економија во Европа се обидува да ја напушти нуклеарната енергија од 2002 година, но постепеното исклучување беше забрзано од страна на поранешната канцеларка Ангела Меркел во 2011 година по нуклеарната катастрофа во Фукушима во Јапонија.

Гаснењето на нуклеарките беше популарно во земјата со силно антинуклеарно движење, поттикнато од долготрајните стравови од конфликт во Студената војна и катастрофите, како таа во Чернобил во Украина.

„Ризиците од нуклеарната енергија не може да се контролираат“, рече германската министерка за животна средина Штефи Лемке.

Сепак, предизвиците од руската инвазија врз Украина, кои го прекинаа извозот на евтин руски гас во Германија, како и потребите за брзо намалување на емисиите на штетни гасови, ги засилија повиците во Германија за одложување на откажувањето од нуклеарната енергија.

Германија, која е најголем загадувач во Европската унија, исто така вклучи некои од термоцентралите на јаглен за да го надомести недостигот на струја поради намалените испораки на руски гас.

Видете и ова: Германија ја затвора последната нуклеарка


Последните нуклеарни реактори требаше да бидат затворени до крајот на 2022 година, но канцеларот Олаф Шолц одлучи да го продолжи рокот до после зимата, односно до средината на април 2023 година.

Бизнисмените и дел од опозициските политичари велат дека гаснењето на нуклеарките е грешка.

Трите последни нуклеарки лани произвеле 6 проценти од струјата во Германија, за разлика од 1997 година, кога сите нуклеарни централи заедно произвеле скоро 31 отсто од струјата.

Министерот за економија Роберт Хабек рече дека „порано или подоцна“, реакторите ќе мора да се исклучат, отфрлајќи ја идејата за одложување. Тој рече дека енергетската ситуација е под контрола, складиштата со гас се полни, а се гради нова инфраструктура за увоз на течен природен гас за да се надомести кусокот на руски гас.

Министерот, кој е од партијата на Зелените, се фокусира Германија да произведува 80 отсто од струјата од обновливи извори до 2030 година.

За оваа цел, канцеларот Олаф Шолц повика на изградба на „четири до пет ветерни турбини дневно“ во наредните неколку години, што се покажа како висока цел со оглед дека минатата година биле изградени само 551 ветерни турбини.

Ова темпо може да биде пребавно за Германија да ги постигне климатските цели.