Северна Кореја тестирала прва балистичка ракета на цврсто гориво

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг ун и неговата ќерка Ким Џу Ае гледаат ракетна вежба на непозната локација. Сликата е објавена од Централната новинска агенција на Северна Кореја (КЦНА) на 20 март 2023 година.

Северна Кореја на 14 април соопшти дека вчера тестирала нова интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво (ИЦБМ), со цел да ја зајакне способноста на земјата за нклеарен противнапад.

Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун раководен со нејзиното тестирање. Тој рече дека тоа претставува голем чекор во способноста на Пјонгјанг да изврши нуклеарен контранапад, објавија државните медиуми.

„Хвасонг-18 ќе ја брани Северна Кореја, ќе ги сузбие инвазиите и ќе ја заштити безбедноста на нацијата, јави државната новинска агенција КЦНА, истакнувајќи оти лидерот Ким Џонг-ун изразил „големо задоволство“ поради успехот на пробното лансирање.

По лансирањето на ракетата беа предупредени жителите на северниот јапонски остров Хокаидо да се евакуираат, но подоцна наредбата беше суспендирана.

Интерконтиненталната балистичка ракета на цврсто гориво е најсовремен светски стандард и може полесно да се преместува и лансира побрзо од ракетите на течно гориво.

Северна Кореја ги критикуваше неодамнешните заеднички воени вежби меѓу Соединетите држави и Јужна Кореја како ескалација на тензиите и ги засили тестовите на оружје во последните месеци.

Видете и ова: Северна Кореја истрела проектил кој можеби е нов тип на оружје

Развојот на интерконтинентални балистички ракети со цврсто гориво, кои можат побрзо да реагираат во кризна ситуација, долго време се смета за клучна цел за Северна Кореја.

Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека Пјонгјанг сè уште развива оружје, што укажува дека може да изврши повеќе тестови, јавува Ројтерс.