Осомничениот за поврзаност со протекувањето на доверливи документи од Пентагон Џек Тешеира денеска треба да биде изведен пред федералниот суд во Бостон, во американската сојузна држава Масачусец.
Федералните агенти во Соединетите Американски држави на 13 април уапсија припадник на Воздухопловната национална гарда на Масачусец, кој е осомничен дека е поврзан со случајот со објавување доверливи документи.
Секретарот за правда Мерик Гарланд соопшти дека се работи за 21-годишниот Џек Тешеира, кој бил специјализиран за разузнавачки активности во Националната гарда.
Гарланд рече дека Тешeира ќе биде обвинет за „неовластено стекнување, задржување и пренесување“ на доверливи информации за националната одбрана.
„Агентите на ФБИ го приведоа Тешeира без инциденти“, рече Гарланд, додавајќи дека осомничениот ќе биде изведен пред федералниот суд во Бостон.
ФБИ соопшти дека неговите агенти го уапсиле и дека ја продолжуваат истрагата во неговиот дом во Норт Дајтон, Масачусец.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно на 13 април изјави дека истражителите се поблиску до идентификување на изворот на протекувањето на доверливи документи, за кои се верува дека се едно од најсериозните безбедносни нарушувања во изминатата деценија.
Видете и ова: Бајден се обидува да ја намали загриженоста, додека истрагата за протечените американски документи продолжуваМинистерството за правда започна кривична истрага минатата недела откако случајот беше проследен од Пентагон.
Некои од документите, наводно, даваат детали за воените способности и проблеми во украинската војска, како и информации за американските сојузници како Израел, Јужна Кореја и Турција.