Свети Стефан во Црна Гора, Партизанските меморијални гробишта во Мостар во Босна и Херцеговина и Бистрички воденици во Србија се меѓу седумте најзагрозени локалитети со културно наследство во Европа за 2023 година, објави „Европа Ностра“ на 13 април.
Европската комисија (ЕК) вети дека финансиски ќе ги поддржи проектите за рехабилитацијата на овие зони. „Европа Ностра“ се смета за репрезентативна мрежа за наследство во Европа со членови од над 40 земји.
Оваа мрежа заедно со Институтот на Европската инвестициска банка објави листа на најзагрозени зони за оваа година. Покрај споменатите три од Западен Балкан, тука се и Железничката станица во Кортријк, Белгија, тврдината Чаквиња во Грузија и Ансамблот „Куќа на сестрите“ во Германија.
Во соопштението на Европската комисија се наведува дека во програмата на седумте најзагрозени локации се предвидува грант од 10.000 евра за секоја наведена локација за да се помогне во реализација на активности кои ќе помогнат за нивно спасување.
Се додава дека во повеќето случаи, идентификацијата на ризична локација служи како поттик за акција и мобилизирање на потребната јавна или приватна поддршка, вклучително и финансиска поддршка.
Марија Габријел, европски комесар за иновации, истражување, култура, образование и млади, потврди дека оваа програма е поддржана од Европската комисија од 2014 година, истакнувајќи ги локалитетите на наследство кои се во ризик и имаат потреба од нашата помош.
„Мораме да продолжиме да ја подигаме свеста за важноста на културното наследство за нашите европски идентитети и за постигнување одржлив развој. Избраните локалитети имаат потенцијал да дејствуваат како инструмент за промовирање на мирот и дијалогот во нивните локалитети и пошироки региони“, изјави комесарката Марија Габријел.
Инаку, како што се наведува во соопштението, изборот на локација не се базира само на степенот на загрозеност или вредноста на културното наследство, туку и на посветеноста на локалната заедница, а со тоа и на заштитниот потенцијал.