Пендаровски - Не примам совети од политички партии

Македонскиот претседател Стево Пендаровски

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска од Тетово повтори дека ќе ги чека конечните верзии на пакетот од измени на осум закони поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д по што во консултација со неговиот правен тим ќе одлучи дали ќе ги потпише.

Тој во однос на барањето од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да не ги потпишува указите за пакетот закони, Пендаровски изјави дека не прима совети од политички партии.

„Кога ќе ги донесат законите во конечна верзија и кога ќе ги изгласаат во Парламентот, тогаш ќе седнеме со мојот правен тим и ќе видиме дали има основа за такво нешто. Инаку, во однос на потпишувањето укази за важење на законите, обично не примам совети од никого, а најмалку од политички партии“изјави Пендаровски.

Видете и ова: Таен договор за јавни автопатишта

Претходно денеска премиерот Димитар Ковачевски ги повтори ставовите изнесени на вчерашниот брифинг дека договорот со конзорциумот Бехтел и Енка не е класифициран како државна тајна, туку станува збор за договор кој има степен на доверливост поради деловни причини.

Тој уште еднаш ги повика надлежните институции во државата, како што се Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да се произнесат околу овој договор, но и владите на САД и Турција, во врска со обвинувањата за корупција, кое што во повеќе наврати беше посочувано од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека станува збор за договор како и други договори кои што ги има склучено Јавното претпријатие за државни патишта со приватни компании кои што се изведувачи.

„Во случајов станува збор за проект кој што оди со проектирање и со изведба, и како и секој друг договор има ниво на доверливост, со оглед на тоа што има компании кои што во него наведуваат елементи на кој начин работат и проектираат и кои што како во секој двостран договор, не сакаат такви деловни тајни да бидат достапни на пошироката јавност или пак за конкуренцијата“, рече Ковачевски.

Тој повтори дека во договорот не се предвидени никакви пенали, но сепак додаде дека доколку од страна на пратениците се усвојат предложените законски измени, ќе се овозможи само за овој проект, кој е стратешки и од национално значење, да има 60 часовна работна недела.