Амбасадата на САД во Белград нема сознанија дека Србија продавала оружје на Украина

Илустративна фотографија

Не можеме да коментираме за наводни доверливи информации, но според нашите сознанија Србија не и продава оружје на Украина, велат за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Амбасадата на САД во Белград.

Агенцијата Ројтерс повикувајќи се на информации од објавените тајни документи на Пентагон, објави дека Србија се согласила да испрати оружје во Киев или веќе го испратила.

Од Амбасадата на Украина во Србија пак, за Радио Слободна Европа велат дека немаат информации за испорака на оружје од Србија во Украина.

„Притоа, се водиме од јавните изјави на официјалните претставници на Србија. Така министерот за одбрана на Република Србија, Милош Вучевиќ, категорично и постојано ги демантираше информациите за испорака на оружје за Украина, нагласувајќи дека Србија не испорачува оружје на Украина, Русија или која било друга страна вклучена во украинско-руската војна“, се вели во писмената реакција на Амбасадата на Украина.

Видете и ова: Протечените документи го покажуваат обемот на американските шпионски активности

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ ги негираа информациите на новинската агенција Ројтерс дека Србија се согласила да испорача оружје на Киев или веќе го испратила.

Вучевиќ изјави дека „Србија нема, ниту ќе продава оружје на украинската или руската страна, ниту на земјите што го опкружуваат тој конфликт“, додека министерот за надворешни работи нагласи дека земјата се придржува до својата политика на воена неутралност.