Русија тестираше напредна балистичка ракета

Илустративна фотографија

Русија изврши тестирање на „напредни“ интерконтинентални балистички ракети, само неколку недели по суспензијата на учеството во договорот за нуклеарно разоружување со Соединетите држави, пренесува агенцијата Франс прес.

Една борбена единица успешно лансираше интерконтинентална балистичка ракета од полигонот Капуцин Јар во регионот Астрахан, соопшти руското Министерство за одбрана. Министерството прецизираше дека целта била тестирање на напредна борбена опрема.

„Ова лансирање овозможи да се потврди исправноста на техничките решенија што се користат во развојот на нови стратешки ракетни системи“, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата ТАСС.

Видете и ова: Русија тестираше противбродски ракети во Јапонското Море

Од почетокот на конфликтот во Украина во февруари 2022 година, рускиот претседател Владимир Путин постојано укажува дека употребата на нуклеарно оружје не е исклучена доколку Москва биде принудена да го стори тоа.

Последниот пример е на 25 март годинава, кога најави дека Москва ќе распореди „тактичко“ нуклеарно оружје во Белорусија, што предизвика загриженост во Киев и на Западот, наведува агенцијата АФП.

Двата чекори наидоа на осуда од НАТО.

Во февруари, двата дома на рускиот парламент гласаа за суспендирање на Договорот за нуклеарно разоружување „Нов почеток, потпишан со Американците во 2010 година.

Тоа беше последниот билатерален договор за нуклеарно разоружување според кој двете страни се согласија да ги ограничат своите нуклеарни резерви и да подлежат на меѓусебни инспекции.

Во февруари Путин најави дека најновата интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“ ќе биде ставена во употреба оваа година, опишана како оружје способно да ги победи сите противвоздушни системи и кое, како што рече, „ќе ги натера оние кои се обидуваат да и се закануваат на Русија двапати да размислат“.