Шмит со последен повик до политичарите во ФБиХ да формираат влада

Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит

Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит упати последен повик до политичарите во ентитетот на Федерацијата Босна и Херцеговина ( ФБиХ) да се вразумат и да формираат влада, откако законскиот рок за тоа помина на 6 април.

„Очекувам дека тоа ќе биде успешно решено наскоро. Нема да има дополнителен конечен повик. Доколку не го сторат, решен сум да ја почитувам изборната волја на граѓаните, инаку демократијата нема значење“, рече Шмит на 7 април.

Рокот за формирање извршна власт беше до полноќ на 6 април, во согласност со претходните правила наметнати од Шмит, користејќи ги таканаречените бонски овластувања.

Новата влада на Федерацијата на Босна и Херцеговина не е именувана ниту шест месеци по изборите во октомври 2022 година, бидејќи претседателот на овој ентитет нема согласност од двајцата потпретседатели за тоа прашање, како што е пропишано со Уставот на Федерацијата на Босна и Херцеговина.

Сегашната Влада на ФБиХ, на која и недостигаат тројца министри, беше назначена во февруари 2015 година, по претходните избори одржани во октомври 2014 година.

Оттогаш, водечките партии, Бошњачката партија за демократска акција и Хрватската демократска заедница на Босна и Херцеговина, не можат да се договорат за измените на Уставот и Изборниот закон на Босна и Херцеговина, како и за третиот партнер на власт.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина на 6 март го потврди изборот на Претставничкиот дом на Федерацијата Босна и Херцеговина, на претседателката и двајца потпретседатели на Федерацијата Босна и Херцеговина, по што почна да тече рокот од 30 дена за формирање на нова ентитетска влада.

Видете и ова: Шмит – Крајно време е да се формира влада во Федерацијата БиХ


Шмит е висок претставник на Босна и Херцеговина од август 2021 година.

Тој има право да менува закони, устави на ентитетите или да отстранува функционери. Високиот претставник во БиХ е последниот орган за толкување на Дејтонскиот мировен договор.