Путин до новата американска амбасадорка во Москва: Вашингтон е одговорен за Украина

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин на новата американска амбасадорка во Москва, Лин Трејси, ѝ кажал дека Вашингтон е одговорен за „украинската криза“.

„Односите меѓу Русија и САД, од кои директно зависат глобалната безбедност и стабилност, минуваат низ длабока криза“, и рекол Путин на новата американска амбасадорка за време на церемонијата на полагање заклетва на 17 амбасадори.

Тој додал дека надворешната политика на САД „на крајот доведе до актуелната украинска криза“.

Долгогодишниот руски лидер го обвинил Вашингтон дека ја организирал револуцијата во Киев во 2014 година, по што немал друг избор освен да интервенира.

Видете и ова:

Русија и Кина ќе ја зголемат економската соработка

Лин Трејси е дипломатка од кариера, која зборува руски, а работела во поранешните советски републики Грузија, Казахстан, Киргистан и Туркменистан. Таа беше избрана за амбасадорка на САД во Русија.

Путин, исто така, му рекол и на новиот претставник на ЕУ во Москва, Роланд Галхараг, дека блокот поттикнал „геополитичка конфронтација“ со Москва.

Русија е погодена од голем број санкции на ЕУ и САД откако Путин започна офанзива против Украина во февруари минатата година.