Проектот за коридорите 8 и 10 ќе добие особено значење во ДКСК

Потпишување на договорот за изградба на коридорите 8 и 10 во Влада, март 2023

ДКСК веќе добиле дел од потребната документација за предметот што го отворија во однос на проектот за коридорите 8 и 10д, a ја очекуваат и останатата документација, изјави претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.

Ивановска најави дека на овој предмет ќе му дадат особено значење со цел, како што нагласи, да ја извадат на виделина вистината.

„Кај нас е отворен предмет, во фаза сме на прибирање на сите потребни документации, дел ги имаме добиено, останатите ги очекуваме. Поради специфичноста на предметот овој предмет ќе го работи тим и од советници и од членови на Комисијата, значи ќе му дадеме особено значење и внимание се со цел вистината да ја извадиме на виделина и резултатите ќе ги соопштиме на јавна седница,“ изјави Ивановска, на новинарско прашање во тек на годишна конференција за оценка на остварувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.

Покрај Антикорупциската комисија и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас.

„Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, најавија од ОЈО ГОКК.

Видете и ова: Спорна фирма или транспарентна постапка за надзор на автопатите што ќе ги градат Бехтел и Енка?

Апели да се истражат наводите околу изборот за надзорот до Антикорупциската комисија и до Обвинителството изминатиот период упати премиерот Димитар Ковачевски.

Автопатите што треба да ги гради Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваат со скандали. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали.

Проектот беше официјализиран вчера на настан кај наплатната рампа на автопатот Тетово - Гостивар, една од четирите делници што ќе се градат во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра. Останатите три делници опфатени со договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ се Гостивар - Букојчани, Требениште - Струга - Ќафасан и Прилеп - Битола.