Босанскиот премиер осуден на 4 години затвор за незаконска набавка на респиратори

Фадил Новалиќ, премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина

Фадил Новалиќ, премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина е осуден на четири години затвор за незаконско однесување при набавка на кинески респиратори за време на пандемијата со ковид 19. Судот на Босна и Херцеговина изрече првостепена пресуда против Новалиќ и другите обвинети, суспендираниот шеф на цивилната заштита Фахрудин Солак и сопственикот на земјоделската компанија „Сребрена малина“, Фикрет Хоџиќ.

Солак е осуден на шест години затвор, а Хоџиќ на пет. Компанијата „Сребрена малина“ ќе треба да плати и отштета во износ од 100.000 евра. Новалиќ денеска не се појави на изрекувањето на пресудата.

Новалиќ беше обвинет дека смислил план за користење пари од буџетот за купување средства и опрема за борба против корона вирусот, каде што се здружил со Солак и Хоџиќ со цел да „добие материјална корист“, која потоа ќе ја поделат меѓу себе.

Видете и ова:

Босанскиот премиер Новалиќ и бизнисменот Станковиќ на црната листа на САД

Министерката за финансии Јелка Милиќевиќ е ослободена од обвинението дека не ги спречила во тоа.

Судењето за набавка на сто респиратори од Кина, вредни 5,4 милиони евра, за потребите на здравствениот систем во БиХ, започна на 23 февруари 2021 година. Респираторите се купени во април 2020 година, ден по прогласувањето на вонредна состојба поради пандемијата.

Обвинителството на кантонот Сараево покрена истрага откако беше соопштено дека работата е направена без тендер и со директен договор со приватната компанија „ Сребрена малина“ која се занимава со трговија со овошје и зеленчук.

Кривичното дело за кое се товарат обвинетите се: злоупотреба на положба или овластување, примање награда или друг облик на корист за тргување со влијание, перење пари, фалсификување или уништување деловни или комерцијални книги или исправи, фалсификување службена исправа, повреда на обврските за водење на комерцијални или деловни книги и составување финансиски извештаи и нивно фалсификување или уништување.