Летово старт на либерализација на пазарот на трудот меѓу земјите од Отворен Балкан

Премиерот Димитар Ковачевски во Бардолино, Италија, се сретна со претседателот на Србија Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама.

Летово ќе стартува либерализацијата на пазарот на трудот со што ќе бидат отстранети работните дозволи за граѓаните од трите земји, еден од најважните проекти на иницијативата Отворен Балкан, е заклучокот на заедничката прес-конференција по средбата на премиерот Димитар Ковачевски со албанскиот колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ во Бардолино, Италија.

"Наместо дозволите за работа да се добиваат за шест месеци ако некој од Крушевац сака да работи во Скопје, или од Врање во Куманово, или од Струга во Елбасан, сега секоj граѓанин на националниот портал е-услуги ќе може да го добие идентификацискиот број за Отворен Балкан и со тоа ќе може да аплицира за одредени дозволи, социјално осигурување и за неколку дена да ги добие. Зошто е тоа важно, бидејки ќе им овозможи на компаниите побрзо да ангажираат работници. Со тоа што побрзо ќе добиваат работни дозволи, тие ќе можат веднаш да почнат да работат. Што побрзо почнат да работат, побрзо ќе произведуваат, а со тоа и ќе остваруваат побрз раст на БДП, а тоа е она што им теба на нашите луѓе. Потребен им е животен стандард на ниво на ЕУ, но во нашите земји", изјави Ковачевски.

Видете и ова: Средба на Ковачевски, Вучиќ и Рама во Италија - фокус на „Отворен Балкан“


Овој проект беше една од темите за кои разговарале на трилатералната средба со Рама и Вучиќ, се вели во владиното соопштение.

Вучиќ додаде дека трговската размена меѓу Србија и Северна Македонија е се поголема и дека е зголемена за околу 50 проценти во последните три години.

"Најголемата пречка за нас на Западен Балкан се границите, бидејќи кога имате камион кој превезува некаква стока, од нив 30 отсто возат, а 70 отсто трошат на границите", изјави Вучиќ.

Средбата се случи пред почетокот на меѓународниот саем за вино „ВинИтали“ кој деновиве се одржува во Верона. Ковачевски, Вучич и Рама присуствуваа на 55. меѓународен Саем на вино и алкохолни пијалоци „ВинИтали“ во Верона.