Старешината на Киевско-печерската лавра осомничен дека ја одобрил руската агресија

Митрополитот Павло, на денот кога беше објавено дека е под сомнение за наводно оправдување на руската инвазија на Украина, Киев, 1 април 2023 година.

Украинската агенција за безбедност денеска известила еден од најважните православни свештеници дека е осомничен дека ја оправдувал руската агресија, во услови на голем спор за познат православен манастир.

Митрополитот Павло, игумен на манастирот Киевско-Печерска лавра што е најсветото православно светилиште во Украина, се спротивставува на наредбите од властите да го напушти комплексот. Претходно оваа недела тој го проколна украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Соочен со сослушување пред судот во Киев, митрополитот ги отфрли тврдењата на Службата за безбедност на Украина, позната како СБУ, дека ја одобрува руската инвазија. Тој вели дека обвинувањата се политички мотивирани.

Видете и ова:

Борби беснеат на исток, Зеленски вети дека руските војници ќе бидат казнети

СБУ, која упадна во неговиот дом, побара од судот да му одреди домашен притвор додека истрагата е во тек.

Монасите во манастирот припаѓаат на Украинската православна црква, која е обвинета за врски со Русија. Спорот за имотот, познат како Пештерскиот манастир, е дел од поширок верски конфликт што се одвива заедно со војната.

Украинските власти вршат остри мерки против Украинската православна црква поради нејзините историски врски со Руската православна црква, чиј лидер, патријархот Кирил, го поддржува рускиот претседател Владимир Путин и неговата инвазија на Украина.

Украинската црква инсистира дека е лојална на Украина и од самиот почеток ја осудува руската инвазија. Црквата прогласи независност од Москва.

Но, украинските безбедносни агенции тврдат дека некои во црквата сè уште имаат блиски врски со Москва. Тие упаднаа во неколку свети места на црквата, а подоцна објавија фотографии со рубли, руски пасоши и летоци со пораки од московскиот патријарх, како доказ дека некои црковни функционери и понатаму се лојални на Русија.