Во Црна Гора на полноќ почнува изборниот молк, во пресрет на вториот круг од претседателските избори, што ќе се одржи во недела на 2 април.
Изборниот молк е на сила до затворање на гласачките места во недела во 20 часот.
Во тој период се забранува медиумско претставување на претседателските кандидати, политичко рекламирање, објавување оценки на резултатите од гласањето, пароли или симболи на кандидатите и резултати од испитување на јавното мислење.
Во изборната трка има двајца претседателски кандидати, кои освоија најмногу гласови во првиот изборен круг на 19 март - кандидатот на Демократската партија на социјалистите на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ, кандидатот на Движењето Европа сега.
Видете и ова: Притисок врз црногорската дијаспора пред вториот круг претседателски избориОва се четврти претседателски избори од обновувањето на независноста на Црна Гора и седми од воведувањето на повеќепартискиот систем.
Право на глас во вториот круг за претседател на Црна Гора имаат 542.154 граѓани, што е исто толку гласачи како и во првиот круг. Најмногу гласачи има во Подгорица 143.608, а најмалку во Шавник 1.777 на северот од државата.
Победник во вториот изборен круг од претседателските избори е кандидатот кој освоил најмногу гласови од гласачите кои излегле. Мандатот на претседателот трае пет години.
Регуларноста на изборниот процес ќе ја следат набљудувачките мисии на ОДИХР, европратениците и Советот на Европа и невладините организации Мониторинг центар и Центарот за демократска транзиција.