Борби беснеат на исток, Зеленски вети дека руските војници ќе бидат казнети

Украинските војници со тенкови Т64 се движат кон правецот Бахмут, во регионот на Доњецката област, на 20 март 2023 година.

Украинските сили одбија десетици руски напади во источниот регион Доњецк во текот на изминатиот ден, соопшти денеска војската, додека претседателот Володимир Зеленски ги предупреди московските војници кои се осомничени дека извршиле злосторства дека ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Покрај градот Бахмут, централната точка на офанзивата на Москва на исток во изминатите неколку месеци, Генералштабот на украинската војска во своето редовно дневно ажурирање соопшти дека руските сили сега го засилиле нападот врз градовите Авдијевка и Мариинка во Регионот Доњецк и на Билохоривка, во регионот Луганск.

Видете и ова: Украина одбележува годишнина од масакрот во Буча, Русија ги гранатира градовите на исток

Вкупно 70 напади се регистрирани во изминатите 24 часа на четирите локации, каде што се водат тешки борби, соопшти војската.

Шест беспилотни летала Шахед од иранско производство беа соборени од воздушната одбрана на Украина, соопшти војската.

Кога Украина на 31 март одбележа една година од повлекувањето на руските сили од Буча, претседателот Володимир Зеленски ја искористи годишнината за да ги предупреди оние руски војници осомничени за масакрот на стотици цивили во градот, каде што беа стотина тела на убиени цивили оставени на улица, дека на крајот ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

„Руските џелати и убијци ќе добијат правични казни. Сто проценти“, рече Зеленски.