Гир: Важно е да се зграпчи моментумот и да се оди напред кон евроинтеграцијата

Eвроамбасадорот во Северна Македонија, Дејвид Гир

Прашањето на уставните измени е суверено право на Северна Македонија и таа треба да одлучи. Во однос на Уставот, важно е да видиме какви се точно предлозите и откако ќе бидат подготвени во нацрт верзија, да следи дебата за тие предлози. Обврската е да се внесат луѓето кои се самоидентификуваат како Бугари во Уставот. Тоа е нешто што дополнително ќе ја консолидира земјата која веќе има добро досие во однос на меѓуетничките односи. Ова го истакна евроамбасадорот Дејвид Гир запрашан за уставните измени.

„Она што го гледаме во моментов е моментум, не само тука во Северна Македонија, туку исто така и во регионот и пошироко. Минатата година видовме дека беше понуден кандидатски статус на Украина, Грузија, Молдавија и на БиХ, како и отворање на пристапните преговори со вас и со Албанија. Значи постои моментум, а патот е напред. Затоа е важно да се зграпчи тој моментум и да се оди напред заедно со другите земји во тој процес. На земјата е да одлучи, се надеваме дека ќе напредувате. Никој друг не стои на патот, нема вето, нема блокади, следниот чекор е во рацете на земјава. Во однос на скирнинг процесот веќе кажав дека одлично напредувате“, рече Гир.

Видете и ова: Поддршката на граѓаните за членство во ЕУ на рекордно ниско ниво

Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов да може земјата да почне да ги отвора поглавјата во преговорите со Европската унија. За да се направат измени на Уставот е потребна поддршка од две-третини од пратениците во македонското Собрание, кое брои 120 членови. Македонија 19 години е во чекалната на ЕУ. На 22 март 2004 земјата поднесе барање за членство во Европската унија.