Маричиќ: Не е разговарано за друга интервенција во Уставот

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека нема никаков договор ниту е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и другите етнички заедници кои тоа го бараат.

Вицепремиерот во изјава за Дојче Веле, вели дека фокусот мора да е ставен на уставните измени кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ.

„Некои прашања може да се решат и со идни процеси на уставни промени“, посочува Маричиќ.

Видете и ова: Бербок - ЕУ ќе си остане на зборот, но Уставот мора да се смени

Според Маричиќ, отворањето на нови прашања и други теми надвор од првичната цел за промена на Уставот донекаде биле и очекувани.

„Не е првпат да слушнеме предлози, барања или пакет измени кои би биле предложени во случај на отворање на Уставот. За секоја тема која има значење за граѓаните може да се отвори општествена дебата, но, фокусот мора да е ставен на обврската која сме ја презеле во Францускиот предлог, кој е преточен во нашата преговарачка рамка и сите треба да сме насочени кон тоа“, нагласува Маричиќ.

Ако сакаме да успееме со уставните измени, подвлекува тој, процесот мора да биде фокусиран на оние теми важни за брза интеграција во ЕУ.

Македонија и Бугарија водат долгогодишен идентитетски, јазичен и историски спор, поради кој се блокирани и македонските евроинтеграции.