Велика Британија и Полска ќе изградат две привремени села во западна и централна Украина за да обезбедат домување за оние што беа принудени да ги напуштат своите домови поради руската инвазија. Ова го соопшти британската влада со ветување за инвестиција од 10 милиони фунти односно 12,3 милиони долари.
Речиси 118.000 Украинци беа примени од британски семејства како дел од одговорот на владата на руската инвазија во февруари 2022 година. Дел од украинските семејства се уште имаат проблеми трајно да добијат станови.
Британската влада соопшти дека селата во Лавов и Полтава ќе можат да вдомат повеќе од 700 луѓе, дел од милионите раселени во Украина или, пак за оние кои ја напуштиле земјата, а сакаат да се вратат.
„Во изминатата година, рускиот претседател Владимир Путин продолжи да ги напаѓа цивилните домови и украинската инфраструктура, при што украинскиот народ плаќа висока цена. Ова ново партнерство меѓу Обединетото Кралство и Полска ќе помогне да се донесат светлина, топлина и домови на оние на кои им е најпотребна “, изјави британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.
Според податоците на Високиот комесаријат на Он за бегалци руската инвазија врз Украина протера 14 милиони Украинци од нивните домови.