Преговорите меѓу Косово и Србија, тема на разговори меѓу Бегај и Курти

Преговорите меѓу Косово и Србија беа главна тема на разговор на денешната средба на албанскиот претседател Бајрам Бегај и косовскиот премиер Албин Курти. Бегај високо ја оценува внимателноста и храброста што ја покажале премиерот Курти и преговарачкиот тим на Република Косово за прифаќање на европскиот план, како и за негово потпишување и спроведување.

„Нагласив дека јавната согласност и посветеноста на страните за спроведување на европскиот план за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија и соодветниот анекс, како негов составен дел, е уште една гаранција за мирот, стабилноста, како и иднината на земјите од регионот во Европската Унија“, наведува Бегај во соопштението објавено на неговиот Фејсбук профил .

Видете и ова: Ескобар:Косово и Србија да го следат примерот на Северна Македонија и Грција


Бегај изрази уверување дека целосно ќе се почитува заложбата искажана од страните во Охрид и "ќе се изнајдат соодветни механизми овој јавен договор да се претвори во меѓународно обврзувачки и применлив договор за страните".

За време на престојот во Тирана Курти ќе се сретне и со претседателката на парламентот Линдита Никола и со премиерот Еди Рама со кого е планиран работен ручек.