Уапсени двајца арачиновци кои шверцувале 35 килограми марихуана

Полицијата приведе две лица од село Арачиново, скопско, и спречен транспорт на околу 35 кг дрога.

Полицијата спречи шверц на 35 килограми марихуана, во вредност од 100 илјади евра, соопшти Министерството за внатрешни работи. Во акцијата се уапсени двајца луѓе во чие возило била откриена дрогата. Уапсените се од скопско село Арачиново.

Тие не го испочитувале знакот да запрат што им го упатиле полицајците на наплатна станица Тетово, на автопатот Гостивар – Тетово и побегнале, оштетувајќи службено полициско возило, но набргу се запрени и приведени.

Во багажникот на возилото, полицијата пронашла четири вреќи со марихуана, со вкупна тежина од околу 35 килограми, со вредност од околу 100.000 евра.

Дрогата била откриена во багажникот од возилото.

По еден од уапсените претходно била распишана централна потерница поради бегство од штипскиот затвор, каде има за доиздржување затворска казна од околу 6,5 години, а се барал и за други кривични дела, како шверцување на мигранти и шверц со дрога.

„Денешната акција е уште една од низата акции на МВР во последниов период преземени во борбата против недозволената трговија со дрога и наркотични средства, но и бројните мерки и активности за пресметка со сите видови криминал“, нагласуваат од полицијата.

Полицијата во изминатите години заплени поголеми колицества марихуана, а во дел од акциите учествуваше и американската агенција ДЕА.