Пругата Битола-Меџитлија е завршена, се чека грчка согласност за да профункционира

Илустративна фотографија

Железничката пруга Битола-Меџитлија е завршена и има употребна дозвола, а работни групи на техничко ниво од Северна Македонија и Грција треба да ги договорат деталите за нејзино целосно ставање во функција, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој посочи дека делницата поврзува две држави, поради што мора да има согласност и интерес од грчка страна за таа да профункционира.

Видете и ова: И Велес е далеку ако одиш со воз

„Нашите работни групи се подготвени на техничко ниво за да разговараат за почнување, односно ставање во функција на железничката линија. Ние сме целосно подготвени и очекувам интерес да покаже и Република Грција“, изјави Бочварски, на новинарско прашање при посетата на Битола.

На 1 февруари годинава стартуваше железничкиот превоз на патници од Битола до селата Кравари и Жабени каде што во моментов завршува превозот со железница, иако самата железничка линија е трасирана за возовите да патуваат до Лерин или Солун.

Видете и ова: Нови протести во Грција поради железничката несреќа

Обновата на пругата од Битола за Грција заврши пред четири години, но се случи пандемијата и нејзиното пуштање се оддолжи. Ако се постигне договор, ова ќе значи враќање на возот за Лерин по пауза од скоро 4 децении.