Од Путин до Димче Мешковски

РУСИЈА / КИНА - Мировните предлози на Кина би можеле да послужат како основа за решавање на конфликтот во Украина кога Киев и неговите западни сојузници ќе бидат подготвени, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин. На заедничка прес-конференција со неговиот кинески колега Си Џинпинг, кој е во официјална посета на Москва, тој истакна дека и двајцата на средбата големо внимание посветиле на мировните предлози на Пекинг.

АВГАНИСТАН / ПАКИСТАН - Земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала го погоди северниот дел на Авганистан во вторник вечерта, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, предизвикувајќи силни потреси низ целата земја и во северниот соседен Пакистан. Земјотресот бил на длабочина од 194 километри, а неговиот епицентар бил во планинскиот венец Хинду Куш, во близина на северната авганистанска провинција Бадакшан.

ЕУ / СРБИЈА / КОСОВО - Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, смета дека договорот меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти претставува пресвртница во процесот на нормализација на односите. И двете страни сега треба да ги спроведат сите членови од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, подвлече Лајчак во заедничкото интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) и Еуроњуз Србија.

МАКЕДОНИЈА - Кривичниот суд во Скопје денеска пресуди дека Атила Сендреј, Ролф Плат и Золтан Кишјухас се виновни во случајот „Маѓар телеком“, со што се неправосилно осудени на по осум години затвор. Како што соопшти Кривичниот суд, обвинетите треба солидарно во буџетот да вратат еден милион евра, односно над 67 милиони денари затоа што несовесно работеле во службата. Сендреј и Кишјухас го оштетиле буџетот и склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарска консултантска куќа, се вели во соопштението.

МАКЕДОНИЈА - Во затворот „Идризово“ денеска бил откриен тунел што го копала група која планирала бегство од затворот, составена од најмалку осум луѓе осудени на затворски казни од 10 години до доживотен затвор, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Организираното бегство го спречиле МВР, Биро за јавна безбедност, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

МАКЕДОНИЈА - Владата донесе одлука за понатамошно замрзнување на ценит на основните производи и ги замрзна цените јајцата и оризот, со што нивото на нивните највисоки цени треба да останат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Овие цени треба да важат до 30 април 2023 година.
Тој додаде дека трговците кои се регистрирани за вршење на трговска дејност имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца во количини што редовно се прибавуваме во јануари и февруари 2023 година.

УКРАИНА / ЈАПОНИЈА - Украина денеска ја оцени посетата на јапонскиот премиер Фуми Кишида како „историска“ и додаде дека тоа е „знак на солидарност“ од Токио.
„Таа историска посета е знак на солидарност и силна соработка меѓу Украина и Јапонија. Благодарни сме на Јапонија за нејзината голема поддршка и придонес за нашата идна победа“, напиша на Твитер украинската заменик-шефица на дипломатијата Емина Џепар.
Кишида се сретна и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти оцени дека меѓународната заедница треба да ја осуди Србија поради одбивањето да го потпише европскиот предлог за нормализација на односите и Анексот за негово спроведување. Во изјавата за новинарите во Приштина на 21 март, Курти рече дека Косово ги смета овие два документи за договори, иако српскиот претседател Александар Вучиќ одбил да ги потпише.

МАКЕДОНИЈА - Синоќа во Лос Анџелес почина македоснкиот театарски, филмски и телевизиски актер и хуморист Димче Мешковски на 77 годишна возраст. Драмскиот театар изрази сочувство за смртта на Мешковски, кој беше негова матична сцена. Комеморацијата ќе се одржи во салонот на Драмски театар на 28 март во 12 часот. Димче Мешковски е роден е на 31 октомври 1945 година во Скопје. Тој е добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело.