Лајчак: Имавме поголеми амбиции, но договорот од Охрид е обврзувачки

Средба на високо ниво на дијалогот Белград-Приштина во Охрид, Северна Македонија, 18 март 2023 година.

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, смета дека договорот меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти претставува пресвртница во процесот на нормализација на односите.

И двете страни сега треба да ги спроведат сите членови од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, подвлече Лајчак во заедничкото интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) и Еуроњуз Србија.

Ова го вклучува членот четири, во кој се вели дека Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација. Тој напоменува дека Косово има обврска веднаш да започне со спроведување на договорот поврзан со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.

„Сакам да кажам дека постигнатиот договор во Охрид е важна пресвртница. Тоа создава нов квалитет во процесот на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Тој го подигна дијалогот на повисоко ниво и го отвора патот за понатамошна нормализација, но и за забрзан процес на пристапување во ЕУ и за Србија и за Косово“, вели Лајчак.

Видете и ова: Курти повика на осуда на Србија бидејќи не го потпишува договорот

Вучиќ и Курти со посредство на ЕУ и поддршка на САД постигнаа договор за имплементација на Договорот за нормализација на односите, односно Анексот за имплементација на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Договорот беше постигнат во Охрид на 18 март. Сепак, претседателот на Србија не го потпиша документот.

Обврските од новите документи ќе бидат вклучени во поглавјето 35 во преговорите за пристапување на Србија во ЕУ. Досега, поглавјето 35 го следи степенот до кој Србија ги спроведува договорите постигнати во дијалогот со Косово.

Видете и ова: Српската листа повтори дека нема да учествува на локалните избори на северот на Косово

Во интервју за РСЕ и Еуроњуз Србија, Мирослав Лајчак признава дека ЕУ во принцип имала поамбициозен план: потпишување договор и нацрт-анекс со јасни временски рамки и задачи. Но, според неговите зборови, не било можно лидерите да се договорат за секоја точка, а имало и одбивање на српскиот претседател да го потпише документот. Затоа, беше променет и првичниот предлог.

Мирослав Лајчак најавува и наскоро средба на главните преговарачи на Србија и Косово со цел да се започне со работа на имплементација на одредбите од договорот постигнат на 18 март во Северна Македонија.