Битката за Бахмут продолжува, ЕУ и САД ветија муниција за Украина

Припадниците на 3-та одделна јуришна бригада (Азовската единица) на вооружените сили на Украина пукаа со хаубица 2A65 Msta-B од 152 мм, среде рускиот напад врз Украина, во близина на Бахмут. Архивска фотографија - февруари 2023.

Украинските сили ги одбија новите руски напади врз Бахмут, соопшти Киев на 20 март, додека битката за разурнатиот град во источниот украински регион Доњецк продолжи.

На двете страни има голем број жртви, додека Европската унија и Соединетите држави ветија дека ќе ја снабдуваат Украина со многу потребната муниција.

Одбраната на Бахмут продолжува, изјави заменик-министерката за одбрана Хана Маљар, истакнувајќи дека оваа недела се навршуваат два месеци од интензивирањето на борбите за Бахмут.

Видете и ова: Си Џинпинг кај Путин во Москва - силен сигнал за САД

Руските и украинските сили инвестираа многу во битката за Бахмут, иако аналитичарите велат дека градот има мала стратешка вредност.

Главната управа за разузнавање на украинското Министерство за одбрана доцна на 20 март соопшти дека експлозија во Џанкоја на северот на Крим ги уништила руските крстосувачки ракети Калибр НК, додека се транспортирале со железница.

Дирекцијата соопшти дека ракетите биле наменети за лансирање од руски воени бродови на Црното Море. Крстосувачките ракети Калибр НК имаат дострел поголем од 2.500 километри. Тврдењето не можеше да се потврди независно.