Српската листа повтори дека нема да учествува на локалните избори на северот на Косово

Членови на Српската листа

По средбата со американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, Српската листа - најголемата партија на косовските Срби, повтори дека нема да учествува на претстојните вонредни локални избори во општините на север додека не се исполнат нивните барања.

„Претставниците на Српската листа изразија јасен став дека нашата партија останува доследна на својот став дека нема да учествува на претстојните вонредни локални избори во општините на северот на Косово се додека не бидат исполнети барањата поради кои ги напуштивме косовските институции, а тоа е формирање на Заедницата српски општини и повлекување на сите специјални единици на Приштина од северот на Косово“, се наведува во соопштението.

Вонредните избори во општините со српско мнозинство на северот на Косово - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток се закажани за 23 април.

Видете и ова: Сите српски партии ги бојкотираат локалните избори на северот на Косово

Иако рокот за регистрација на политичките субјекти требаше да истече во сабота на 18 март, Централната изборна комисија на Косово го продолжи тој рок до 22 март.

До вонредните локални избори доаѓа откако градоначалниците, кои дојдоа од редовите на Српската листа, во ноември минатата година поднесоа оставки како дел од колективното излегување на Србите од косовските институции поради напорите на косовските власти да го спроведат процесот на пререгистрација од српски на косовски таблички.

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за РСЕ изјави дека „би сакале Србите да учествуваат на изборите“.