Полицијата во главниот град на Пакистан, Исламабад, денеска го обвини поранешниот премиер Имран Кан, 17 негови помошници и многумина поддржувачи, за тероризам.
Поддржувачите на соборениот премиер вчера се судрија со безбедносните сили во Исламабад, пред судот каде што Кан требаше да се појави поради случаи на корупција.
Неговите приврзаници фрлаа запаливи бомби и камења кон полицијата, при што беа повредени над 50 полицајци, а полициски пункт и неколку автомобили и мотоцикли беа запалени.
Видете и ова:
Судири со демонстранти при обид на полицијата да го уапси пакистанскиот екс-премиер Имран КанПолицијата соопшти дека во судирите биле уапсени 59 демонстранти.
Кан не се појави во судот, каде што требаше да се соочи со обвиненија дека продал државни подароци кои ги примил додека бил на функција.
Освен Кан, обвинети се и поранешни и сегашни пратеници, поранешни министри, поранешен претседател на Народното собрание и бројни поддржувачи.
Обвиненијата вклучуваат тероризам, спречување полициски службеници во извршување на нивните задачи, напади врз полицијата, ранување полицајци и загрозување на нивните животи.
Парламентот изгласа недоверба на владата на Кан во април 2022 година, по што тој замина во опозиција. Кан тврди дека бил незаконски сменет од САД.
Сегашниот премиер Шабаз Шариф и Вашингтон ги отфрлија тие тврдења, а владата соопшти дека наредните избори ќе бидат оваа година во редовен термин.
Поранешниот премиер, некогашна крикет ѕвезда, е вмешан во низа афери и против него има покренато дури 76 судски постапки, меѓу кои и за тероризам по пријава на полицијата.
Тој досега избегнуваше апсење и тврди дека хајката против него ја организира државата за да го замолчи.