Албанскиот претседател Бајрам Бегај ја поздрави, како што наведува во објава на Фејсбук, „постигнатата јавна согласност меѓу Косово и Србија и посветеноста за спроведување на основниот договор и соодветниот анекс“.
Според него, овој договор е уште една гаранција за мирот, стабилноста и иднината на регионот во Европската унија.
„Го поздравувам постигнувањето во Охрид, Северна Македонија, постигнатата јавна согласност меѓу Косово и Србија и посветеноста за спроведување на основниот договор и соодветниот анекс. Овој договор е уште една гаранција за мирот, стабилноста и иднината на регионот во Европската унија. Верувајте дека гарантите на овој договор ќе го направат обврзувачки и спроведлив за страните. Им благодарам на Европската унија за посредувањето и на САД за силната поддршка“, пишува Бегај.
Албанскиот премиер Еди Рама во врска со усогласувањето на Анекс договорот за нормализација на меѓусебните односи на Србија и Косово во Охрид, со посредство на ЕУ, изрази надеж дека нема да биде „уште една балканска измама“.
„Да се надеваме дека ѓаволот не е во деталите и дека договорениот, но непотпишан договор, не е уште една балканска измама! Во спротивно, ова би било историско достигнување што би ја навестило долгоочекуваната пролет во односите меѓу двата најголеми балкански народи. И, искрено да им честитаме на четворицата протагонисти на охридската трпеза, посакувајќи наскоро договорот да се претвори во нова неповратна реалност меѓу Косово и Србија, Албанците и Србите, Западен Балкан и Европската унија“, напиша Рама на Твитер.
Во спротивно, како што оценува, договорот би бил „историско достигнување што ќе ја најави долгоочекуваната пролет во односите меѓу двата најголеми народи на Балканот“.
Косово и Србија постигнаа договор за тоа како да го спроведуваат договорот за нормализирање на меѓусебните односи, рече синоќа шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, по речиси 12 часовните средби во рамки на дијалог меѓу Косово и Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска рече дека ништо не потпишал, зашто со Косово не сака да потпишува меѓународно-правни договори.
Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти разговараа во Вилата Билјана во Охрид во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите, што се одржува по покровителство на ЕУ. Домаќин на средбата беше македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
На разговорите присуствуваа и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Вчерашните разговори беа продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете земји.