Предвремени избори со независни кандидати во Казахстан

Гласање на предвремените парламентарни избори во Казахстан

Во Казахстан денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори на кои и независни кандидати би можеле да бидат избрани за пратеници.
Гласачките места се отворени во 7 часот по локално време, а околу 12 милиони избирачи ќе може да гласаат до 20 часот.

Новина на овие избори е учеството на независни кандидати, што е знак на скромно демократско отворање на оваа централноазиска држава, наведува агенцијата Франс прес.

Во досегашниот парламент беа застапени само три партии, и сите три го поддржуваа претседателот Касим-Жомарт Токаев.

Видете и ова: Дали кризата во Казахстан ќе влијае врз плановите на Путин за Украина?

Токаев, кој е на власт од 2019 година, повторно беше избран за претседател во ноември, со над 80 отсто освоени гласови.

На денешните избори учествуваат седум партии, меѓу кои и две нови.
Сепак, неколку опозициски партии и независни кандидати и понатаму се забранети.

И покрај релативното отворање кон демократијата, Токаев веќе предупреди дека „оние кои сеат раздор во земјата ќе бидат строго казнети“.

Казахстан, земја богата со природни ресурси и на крстопат на важни трговски рути, влезе во хаос во јануари 2022 година, кога протестите против скапиот живот прераснаа во немири во кои настрадаа 238 луѓе. Протестите беа брутално задушени.