Пендаровски до Ескобар – Договор Белград – Приштина за трајна стабилизација на регионот

Претседателот Стево Пендаровски се сретна со заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар во Охрид

Билатералните односи меѓу Северна Македонија и САД се одвиваат со одлична динамика, како потврда за долготрајното македонско-американско партнерство и пријателство, оценија на денешната средба во Охрид претседателот Стево Пендаровски и заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар.

Како што информираа од Кабинетот на шефот на државата, во однос на аспирациите за членство во Европската унија, Пендаровски го информирал Ескобар за одвивањето на скрининг процесот и следните чекори кои треба да бидат преземени за напредок во евроинтегративниот процес.

Видете и ова: Србија и Косово се договорија за спроведување на договорот за нормализација

„На средбата се разговараше и за актуелните состојби во регионот, во светло на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина на кој учествуваат претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Косово Албин Курти, а кој се одржува во Охрид под покровителство на Европската унија“, известуваат од кабинетот на Пендаровски.

Во таа насока претседателот Пендаровски истакна дека одржувањето на преговорите во Охрид е признание за нашата земја, која во изминатите години направи повеќе компромиси за одржување на долготрајната стабилност, европската и евроатлантска интеграција, демонстрирајќи дека може да функционира како вистинска мултиетничка демократија.

„Тој додаде дека прашањето на дијалогот Белград-Приштина е исклучително важно регионално прашање чиешто решавање може да помогне за трајна стабилизација на регионот и негова побрза европска и евроатлантска интеграција“, истакнуваат од Кабинетот на претседателот.

Видете и ова: Ескобар за РСЕ: Не сме фокусирани на потпишување, туку на финализирање на Договорот

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска разговараат во Вилата Билјана во Охрид во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите, што се одржува по покровителство на ЕУ. Домаќин на средбата е македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Денешните разговори, на кои присуствуваат и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, се продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете земји.