Коалициска директорска смена во МЕПСО – Рашиди го замени Муртезани

Илустративна фотографија

Орхан Муртезани, кој досега беше директор на МЕПСО од редовите на партијата Алтернатива, на Фејсбук го објави своето разрешување од функцијата и се пофали со информацијата дека го остава операторот на системот за пренос на електрична енергија со добивка од скоро 23 милиони евра.

На неговото столче седнува досегашниот пратеник од Алијанса за Албанците, Сурија Рашиди. Ова се случува бидејќи минатиот месец партијата на Рашиди договори влез во Влада, а Алтернатива поради тоа излезе од владината коалиција.

Видете и ова: Алијанса со над 30-тина директорски места - една богата фирма и претежно загубари

„На 27 декември 2021 година го прифативме предизвикот да управуваме со АД МЕПСО, во екот на енергетската криза, со екстремно руинирана ликвидност на компанијата, многу грижи и неизвесности за иднината. Денеска го предаваме овој аманет што ни беше даден со рекорден процент на реализирани инвестиции од 43 отсто, со над 40 милиони евра во сметка и со фактот што МЕПСО годината 2022 ја затвори со рекордна добивка од 22,6 милиони евра или добивка од 798 проценти поголема од 2021 година“, се пофали Муртезани.

МЕПСО важи за една од најбогатите институции во земјава каде што просечната плата е 1000 евра.

Видете и ова: Поарно директор на државна фирма отколку премиер

Инаку ова директорското место е само дел од функциите кои ги добија членови на Алијанса за Албанците, во замена за влез во владината коалиција. Покрај 30-тина директорски места, со реконструкцијата на Владата, оваа партијата ги доби и министерствата за правда, за здравство и за информатичко општество со кои веќе раководат Кренар Лога, Фатмир Меџити и Азир Алиу.

Кадри на Алијансата за Албанците се поставени и на заменичките места во Министерството за одбрана и за земјоделство.