Распуштени, забранети, осомничени...

МАКЕДОНИЈА - Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола. Ваквата одлука на министерот уследи откако денеска Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употребата на името Иван Михајлов.

ЦРНА ГОРА - Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ на 16 март го распушти Собранието, што е увертира за распишување вонредни парламентарни избори врз основа на спорните измени на Законот за претседател.

СРБИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во пресрет на средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Охрид изјави дека „не планира ништо да потпише“. Во обраќањето до јавноста на 16 март, Вучиќ рече дека Белград „се уште не добил нацрт за тоа што сака Европската унија“ во преговорите за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

МОЛДАВИЈА - Парламентот на Молдавија денеска одобри преименување на националниот јазик од молдавски во романски. Одлуката е донесена со просто мнозинство на владејачката партија Акција и солидарност. „Предлог-законот за спроведување на некои одлуки на Уставниот суд е усвоен во второ читање со гласовите на 58 пратеници“, изјави претседателот на Собранието, Игор Гросу, за време на седницата што се емитуваше во живо на социјалните мрежи.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Велика Британија најверојатно денеска ќе објави забрана за користење на TикТок на службените мобилни телефони, следејќи ги другите западни земји кои исто така ја забранија апликацијата на кинескиот пазар, јавија британските медиуми.

КИНА - Кина е загрижена поради ескалацијата на војната во Украина и сака Москва и Киев да се вклучат во мировни преговори, му рекол високиот кинески дипломат Чин Ганг на својот украински колега на 16 март.

АЛБАНИЈА - Комесарот за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји се надева дека во втората половина од годинава ќе има големи случувања во патувањето на Албанија кон Европската унија (ЕУ).

МАКЕДОНИЈА - Само две дојави за бомби имало откако се воведени новите протоколи за функционирање во услови на дојава за експлозивни направи, изјави на 16 март министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

САД - Руските власти извршија „широк спектар“ на прекршувања на меѓународното право за човекови права и меѓународното хуманитарно право од почетокот на инвазијата на Москва врз Украина, од кои многу се воени злосторства, наведува Независната меѓународна истражна комисија за Украина, поддржана од ОН, во извештајот објавен на 16 март.

МАКЕДОНИЈА - Мартовската пензија ќе биде повисока за 8,4 проценти, откако Советот на социјална сигурност денеска на состанок усвои зголемување на пензиите. Тие со најниски пензии кои изнесуваат неполни 11 илјади ќе добијат плус околу 1000 денари, просечната пензија ќе се зголеми за 1500 денари, а тие со највисоки пензии ќе имаат и најголемо зголемување.