Русија напаѓа во Бахмут, САД предупредуваат за тешка битка

Украина - Украински војник во Бахмут, регионот Донецк, 15 март 2023 година.

Руските сили во неколку наврати изведоа напади на украинските позиции во и околу Бахмут во текот на изминатиот ден, соопшти украинската војска на 16 март. Повеќемесечната битка за градот во источниот регион Донецк продолжи со висок интензитет.

Генералштабот на вооружените сили на Украина во својот дневен билтен соопшти дека нивните сили се бореле со „бројни напади“ во областите Орихово-Василивка и Бохданивка северно и западно од Бахмут, додека руските сили продолжуваат со обидите да го опколат градот и да ги отсечат линии за снабдување.

„Русија продолжува да спроведува офанзивни дејствија, без оглед на загубите“, се вели во извештајот.

Во него се додава дека во исто време, силите на Москва притискаат напред во другите клучни области во Донецк со фокус на Лиман, Авдијивка, Маријнка и Шахтарск, спроведувајќи повеќе од 75 напади во последните 24 часа.

Русија, исто така, изведе ракетен напад врз источниот град Харкив, каде што целеше цели на цивилната и енергетската инфраструктура, соопшти војската.

Во меѓувреме, портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Пет Рајдер, предупреди дека следните месеци ќе бидат одлучувачки за исходот на битката за источна Украина.

Видете и ова: САД обвинува за кршење на меѓународното право, Русија за провокација


„Мислам дека е исто така важно да се направи чекор наназад и да се погледне постигнатиот напредок, притоа признавајќи го фактот дека претстои уште тешка борба, особено додека се приближуваме кон пролетта и летото“, рече Рајдер на брифинг во Пентагон, додавајќи дека САД ќе продолжат да прават сè што е можно за да ги задоволат воените потреби на Украина.