Генерален штрајк во Грција поради железничката несреќа

Грција - Протести пред зградата на парламентот во Атина, поради железничката несреќа. 12 март 2023 година.

Денеска во Грција не функционираат државните служби, затворени се училиштата, бродовите и траектите се закотвени на пристаништата, проблеми има во авионскиот сообраќај со откажани летови, поради штрајкот на контролорите на летање, а јавниот превоз во Атина ќе работи само неколку часа.

Грчките синдикати на вработени во државниот сектор, на вработени во приватниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, утрото на 16 март започнаа 24-часовен генерален штрајк, што ќе ја парализира Грција. Во штрајкот учествуваат и синдикатите на вработените во државните болници, како и студентски здруженија и организации.

Причина и за овој штрајк е железничката несреќа со 57 жртви што се случи на 28 февруари кај Темпи, во близина на Лариса.

По несреќата, во Грција се одржаа неколку протести и штрајкови.
Синдикатите порачуваат дека „криминалот нема да се прикрие“.
Паралелнио, закажани се протести, како во Атина, така и во другите грчки градови.

Видете и ова: Нови протести во Грција поради железничката несреќа

Генералниот штрајк го поддржаа и новинарите, организирани од нивните здруженија и како што е пракса во изминатите години, нивниот прекин со работата беше ден претходно, односно вчера, за да можат денеска да ги покријат протестите и демонстрациите и да информираат за нив.

Железничката несреќа што пред две седмица се случи кај месноста Темпи во близина на градот Лариса, а во која загинаа 57 лица, сè уште предизвика бурни реакции кај Грците.