Дронови, хакери, банкроти...

МАКЕДОНИЈА - Ние ќе се потрудиме и ќе направиме се оваа година, до крајот на скринингот, да ја завршиме обврската од Преговарачката рамка и со двотретинско мнозинство да го смениме Уставот и да внесеме неколку заедници во него, а дали ќе имаме двотретинско мнозинство е „прашање од милион долари“ на кое во моментов немам одговор, изјави денеска од Брисел вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.

САД - Се чини дека руските хакери подготвуваат нов бран сајбер напади против Украина, вклучително и закани во стилот на „ransomware“ за организациите кои ги опслужуваат линиите за снабдување на Украина, се вели во извештајот од истражувањето на Мајкрософт кој беше објавен денеска. Извештајот, чиј автор е тимот за истражување и анализа на сајбер безбедноста на технолошкиот гигант, прикажува низа нови откритија за тоа како руските хакери дејствувале за време на конфликтот во Украина и што може да следи понатаму, јавува новинската агенција Ројтерс.

ФИНСКА - Финскиот претседател Саули Нинисто на 15 март објави дека Турција донела одлука за ратификација на кандидатурата на Финска за НАТО. Тој изјави дека ќе го посети Истанбул неделава за да ја слушне одлуката од претседателот Реџеп Таип Ердоган.
„Турците се надеваа дека ќе бидам таму за да го слушнам одговорот кога ќе ја соопштат одлуката. Се разбира, ја прифатив поканата и ќе одам неделава “, изјави Нинисто.

СРБИЈА / САД - Српскиот претседател Александар Вучиќ на 15 март на социјалната мрежа Инстаграм напиша дека имал „отворен и фер разговор“ со американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на средба во Белград.
„Верувам во натамошно подобрување на односите меѓу Србија и САД“, напиша Вучиќ.

ИРАН - Иранските власти предложија нови мерки за воведување на задолжително носење хиџаб во земјата. Мерките вклучуваат, меѓу другото, употреба на надзорни камери за идентификување и казнување на оние жени кои не го почитуваат кодот за носење на хиџаб. На јавната седница на иранскиот парламент на 14 март, Бијан Нобавех, член на Комитетот за култура, откри дека телото предложило седум нови мерки поврзани со хиџабот, кои биле целосно поддржани од раководството и биле дискутирани во Советот за национална безбедност.

БИХ / САД - Поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање и безбедност на БиХ Осман Мехмедагиќ, во средата на 15 март е ставен на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави. Оваа информација е официјално објавена на веб-страницата на Министерството за финансии на САД. На „црната листа“ е ставен и Драган Станковиќ, вршител на должноста директор, а потоа и директор на Управата за геодетски и имотно правни работи на Република Српска (РУГИП), еден од двата ентитета во БиХ. Третото лице кое е санкционирано од САД е Един Гачанин, за кој се вели дека е „еден од најголемите светски шверцери на дрога“.

РУСИЈА / БУГАРИЈА - Поранешен бугарски пратеник обвинет за шпионирање за Русија и санкциониран од САД за корупција е избран за шеф на Меѓународното движење на русофилите (МДР) - група поддржана од руското Министерство за надворешни работи, која наводно собира членови од 40 земји. Николај Малинов, кој е и водач на проруската лоби група во Бугарија позната како Национално движење на русофилите и e кандидат на престојните предвремени парламентарни избори, беше едногласно избран за претседател на МДР на 14 март на основачкиот конгрес на движењето во Москва.

МАКЕДОНИЈА - По објавата на молдавските медиуми за можен напад врз делегацијата на ОБСЕ при посетата на Молдавија која ја предводеше македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ од македонското МНР велат декапри посетата биле предвидени посебни безбедносни протоколи кои се во надлежност на земјата домаќин. Во соопштението од МНР е наведено дека реализираните посети на Украина, Молдавија, како и предвидените теренски посети во другите таканаречени „загрозени подрачја“ се реализираат со јасна назнака дека се тоа посети на делегацијата на ОБСЕ, што во меѓународните односи се сметаат за посети со зголемен ризик и внимателност.

БУГАРИЈА - На Бугарија и се заканува банкрот и постои ризик за стабилноста на бугарската валута - лев во однос на еврото. Ова го соопшти денеска бугарското министерство за финансии. Вршителот на должноста министер за финансии Росица Велкова-Желева во извештајот кој денеска беше објавен посочува дека влезот на Бугарија во еврозоната мора да се одложи на неодредено време.

МАКЕДОНИЈА - Ќе ги следиме и цените на овошјето и зеленчукот и ако трговците, но и производителите сами не реагираат, пораката од Владата е јасно дадена дека граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука што е во нивни интерес, одговори денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на новинарско прашање. Тој посочи дека ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Битиќи вели дека како што Владата презела мерки за основните прехранбени производи, леб, тестенини, млечни производи истото ќе го направи и за низа на други продукти.

ПАКИСТАН - Нови судири се случија меѓу пакистанската полиција и приврзаниците на поранешниот пакистански лидер Имран Кан додека безбедносните сили веќе втор ден се обидуваа да го привеадат Кан во неговата резиденција во североисточниот град Лахоре. Над 50 полицајци и десетина демонстранти се повредени при судирите кои од започнаа вчера и се уште траат. Голем дел од повредените се примени во болница на лекување, јавуваат локалните медиуми.

БУГАРИЈА - Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека за доброто на европската иднина на Северна Македонија неопходно е билатералните односи на земјата со Бугарија да бидат „ослободени од идеологиите на тоталитаризмот, што би помогнало за вистински и целосен дијалог“. Оваа изјава доаѓа како одговор на ставот на шефот на државата Стево Пендаровски кој во неделата на одбележувањето на депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор „Треблинка“ за време на Втората светска војна, побара извинување за улогата на Софија за депортацијата.

ФРАНЦИЈА - Во Франција за денеска се најавени повторно масовни штрајкови за време на седница на на која ќе се усогласува текстот за новата пензиска реформа меѓу пратениците и сенаторите, пред утре таа да се испрати на гласање во двата дома на Францускиот Парламент. Бидејќи законот влегува во завршна фаза, синдикатите најавија нов обид да извршат притисок врз владата и пратениците да го отфрлат предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

АВГАНИСТАН - Најмалку 10 Аганистанци загинаа, а осум се повредени во сообраќајна несреќа на 15 март во северната авганистанска провинција Тахар. Станува збор за вработени рудари кои патувале кон работа во рудникот за ископ на злато.
Локалната полиција соопшти дека пикапот што ги превезувал работниците до рудникот излетал од патот и се превртел во областа Анџир во областа Чах Аб. Според медицинските извештаи дел од повредените се во критична здравствена состојба.

УКРАИНА - Русија продолжува со засилениот интезитет во нападите врз Бахмуд и натаму цели кон кон цивилни цели, предизвикувајќи жртви, соопшти украинската војска на 15 март. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање најави дека украинската војска ќе продолжи да го брани градот во источниот регион Доњецк и ќе му нанесе максимални загуби на непријателот.

САД - Американската војска морала да собори сопствен дрон во Црното Море поради штетата која ја претрпел кога го пресретнале руски авиони, соопшти бригадниот генерал Патрик Рајдер на денешниот брифинг во Пентагон. Русија ги отфрли таквите обвинувања, тврдејќи дека нивните борбени авиони не дошле во контакт со американскиот дрон, туку дека беспилотното летало се урнало поради „остар маневар“.