Маричиќ- „Прашање за милион долари“ е дали ќе има двотретинско мнозинство за уставните измени до јуни

Архивска фотографија вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ

Ние ќе се потрудиме и ќе направиме се оваа година, до крајот на скринингот, да ја завршиме обврската од Преговарачката рамка и со двотретинско мнозинство да го смениме Уставот и да внесеме неколку заедници во него, а дали ќе имаме двотретинско мнозинство е „прашање од милион долари“ на кое во моментов немам одговор, изјави денеска од Брисел вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.

Тој посочи дека идеално сценарио, според него е собраниската процедура за уставните измени да започне пред летото, некаде во јуни, за да може да се спроведе инклузивна постапка со експерти и опозицијата.

Тој очекува во наредните две до три недели да се формулираат уставните амандмани во Министерството за правда и додава дека веќе е повикана опозицијата да учествува во овој процес.

Тој нагласи дека по нивното формулирање ќе следи јавна расправа на која ќе се дискутира по тие амандмани во нивната суштина, пред се во однос на нивното значењето, надвор од самото внесување на неколку заедници во Уставот, по што веднаш се очекува тие да влезат во собраниска процедура.

Видете и ова: Зошто мнозинството е против внесувањето на Бугарите во Уставот?

Маричиќ очекува за важноста на уставните измени да се разговара и за време на претстојната посета на високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Скопје.

„Ние ќе ги искористиме тие средби и таа можност да укажеме на тоа дека е важно, доколку сакаме да успееме во процесот на уставни измени и во процесот на имплементација на договореното со „францускиот предлог“, дека ќе мора партнерски да функционираме и од двете страни и од Скопје и од Софија“, рече Маричиќ.

Видете и ова: Османи уверува - Ќе доминираат аргументите „за“ за уставни измени

Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година. Блокадата делумно се надмина летоска со прифаќањето на таканречениот „француски предлог “ и стартуваше скрининг процесот земјава, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата од преговорите со ЕУ со внесување на Бугарите во македонскиот Устав.