Битиќи- Ако има потреба ќе реагираме и кај цените на овошјето и на зеленчукот

Архивска фотографија, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашња Фатмир Битиќи во продавница во Прилеп

Ќе ги следиме и цените на овошјето и зеленчукот и ако трговците, но и производителите сами не реагираат, пораката од Владата е јасно дадена дека граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука што е во нивни интерес, одговори денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на новинарско прашање.

Тој посочи дека ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Битиќи вели дека како што Владата презела мерки за основните прехранбени производи, леб, тестенини, млечни производи истото ќе го направи и за низа на други продукти.

„Ако производителите и трговците не ја спроведуваат одлуката онака како што треба, тогаш Владата ќе ги преземе мерките кои се потребни, а тоа е замрзнување на цените. Тоа е најтешката одлука за еден произведувач или трговец, но јасно кажувам дека во сите пресметки не сме нанеле штета со замрзнување на цените. Затоа секогаш велам дека во пазарна економија мора да има морал и етика“, додаде Битиќи.

Видете и ова: Тестенините поевтинуваат за 15 проценти, млечните производи за 10 отсто

Тој додаде дека е очигледно оти производителите и трговците очигледно го чекаат последниот ден за да ги намалат цените.

„ Ќе ги видиме утре наутро цените коишто ги кажавме“, вели Битиќи.

На 10 март премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека тестенините ќе поевтинуваат за 15 отсто, а млечните производи за 10 проценти и нивните цени ќе се замрзнат.

„Се укинуваат и царинските давачки за увоз на овие продукти од 13 март до 31 мај 2023 година. Се замрзнуваат и цените на млечните производи: трајно кравјо млеко, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт. Цените се намалуваат за десет отсто, а одлуката важи од 17 март до 31 мај 2023 година“, рече Ковачевски.

Видете и ова: Бектеши обвинува за скопски пекарски картел

Ова е втора одлука за замрзнување цени на прехранбени производи, откако на 28 февруари годинава стапи во сила ограничувањето на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.