Радев до Пендаровски- Му ја должите на вашиот народ историската вистина

Бугарскиот претседател Румен Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека за доброто на европската иднина на Северна Македонија неопходно е билатералните односи на земјата со Бугарија да бидат „ослободени од идеологиите на тоталитаризмот, што би помогнало за вистински и целосен дијалог“.

Оваа изјава доаѓа како одговор на ставот на шефот на државата Стево Пендаровски кој во неделата на одбележувањето на депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор „Треблинка“ за време на Втората светска војна, побара извинување за улогата на Софија за депортацијата.

„Интересот на претседателот на Република Северна Македонија за историјата е за пофалба, но тоа што ќе се каже треба да се заснова на историска вистина, а политичарите кај нашиот сосед се уште им ја должат на своите граѓани вистината за сопствената историја. Историја која со децении е обвиена со манипулации и фалсификати“, изјави Радев по церемонијата на доделување на „Годишните награди за одговорен бизнис 2022“ на Бугарскиот форум на бизнис лидери.

Радев смета дека македонските политичари му ја должат на својот народ вистината за еврејското прашање, за прогонот и репресијата на македонските Бугари со децении, пренесува бугарската новинска агенција БГНЕС.

Пендаровски на 12 март во обраќањето пред Споменикот во Скопје на 7.144-те депортирани македонски Евреи, изјави дека за да има помирување, треба да има извинување за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија за депортацијата.

„ И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, изјави Пендаровски.

Претходно со став излезе и бугарското министерство за надворешни работи кое смета дека властите во Северна Македонија не се придржуваат до „објективни историски факти и продолжуваат да ја користат темата на холокаустот за пропаганда и злонамерни политички цели кои немаат никаква врска со сеќавањето на жртвите, научното проучување на холокаустот и борбата против антисемитизмот“.

Видете и ова: И Холокаустот повод за македонско - бугарски тензии

На 13 март, пак, од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека претседателот нема намера да коментира или пак да се извинува, како што тоа го бараат некои во соседна Бугарија.

Инаку Македонија и Бугарија имаат нарушени односи по двегодишното бугарско вето за Македонија да почне преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во Македонија.

Бугарија пред неколку месеци го укина ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. Во јули годинава документот го одобри и македонскиот Парламент, кој значи внесување на Бугарите во Преамбулата, но и борба против говорот на омраза, ревизија на учебниците по историја и гаранции дека земјава нема територијални претензии.

За внесување на Бугарите во македонскиот устав потребно е двотретинско мнозинство во парламентот, кое се уште не е обезбедено. Ако тоа не се направи, можна е повторна блокада на преговорите за влез на земјава во ЕУ.